Michael Hernandez
13 Мај 2019•Ажурирај: 14 Мај 2019
ВАШИНГТОН
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, го прескокна денешното патување за Москва поради разговорите со европските сојузници во Брисел во врска со заканите што доаѓаат од Иран, пренесува Anadolu Agency (AA).
Помпео требаше да ја посети американската Амбасада во Москва пред утрешната средба со рускиот претседател, Владимир Путин, во Сочи, која се очекува да продолжи според планираното.
Портпаролката на Стејт департментот, Морган Ортагус, соопшти дека Помпео наместо да отпатува во Москва ќе слета во Брисел каде што „ќе разговара за неодамнешните заканувачки дејствија и изјави на Исламската Република Иран.“
„Државниот секретар Помпео ќе продолжи со блиската координација со нашите сојузници и партнери со цел осигурување на нашите заеднички интереси на Блискиот Исток и во светот“, додаде Ортагус.
Администрацијата на Трамп веќе повеќе од една недела алармира во врска со заканите од Иран, но одби да изнесе одредени детали.
Во услови на зголемени тензии, Саудиска Арабија, регионалниот ривал на Иран, денес соопшти дека два танкера за нафта биле цел на саботажен напад недалеку од брегот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Немаше коментар од властите на Обединетите Арапски Емирати во врска со нападот што доаѓа еден ден откако ОАЕ соопштија дека четири комерцијални бродови биле цел на саботажни напади близу брегот на пристанишниот град Фуџаира.
ОАЕ не дадоа детали за природата на саботажата или кој стои зад неа.
Пристаништето „Фуџаира“ се наоѓа на околу 136 километри јужно од Ормудскиот Теснец, тесен проток во Персискиот Залив преку кој минува третина од вкупната трговија со нафта преку морски пат.