Selen Valente Rasquinho
06 Ноември 2023•Ажурирај: 09 Ноември 2023
БРИСЕЛ (АА) - Поранешен дипломат на ЕУ за Блискиот Исток го критикуваше ставот на блокот за тековниот конфликт меѓу Израел и Палестина, јавува Анадолу.
Вишиот соработник во Центарот за европски политички студии (ЦЕПС), Џејмс Моран, за Анадолу изјави дека „не ги смета актите на Израел во рамките на самоодбрана“.
Тој ги опиша како „бесчувствителни, непропорционални и спротивни на меѓународното право“ и додаде дека жителите на Газа колективно се казнуваат.
„Историјата ни покажува дека никогаш нема да има воено решение за овој конфликт. Единствениот пат напред е да се постигне праведен мир во одржливо решение со две држави, врз основа на начелата изнесени во Осло пред 30 години“, рече Моран, изразувајќи го својот песимизам во врска со ставот на актуелната израелска Влада.
„Првичниот одговор на многу лидери на ЕУ на 7 октомври и неговите последици, додека сочувствуваа со загубата на невини животи во Израел и правото на земјата да се брани, не успеа соодветно да ги нагласи долгогодишните заложби на ЕУ кон меѓународното хуманитарно право и решение за две држави“, изјави Моран.
Тој додаде дека споредувањето на конфликтот во Украина со конфликтот во Блискиот Исток е тешко поради нивната различна природа.
„Но, ставот на Западот кон Газа секако не му помогна да се спротивстави на обвинувањата за двојни стандарди“, рече поранешниот дипломат.
Израелската Армија започна воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Најмалку 9.770 Палестинци, меѓу кои 4.800 деца и 2.550 жени, се убиени во израелските бомбардирања во Појасот Газа. Според официјалните податоци, бројот на загинати во Израел е речиси 1.600.
Покрај големиот број жртви и масовните раселувања, основните резерви се при крај за 2,3 милиони жители на Газа како последица на израелската опсада.