Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout
21 Август 2024•Ажурирај: 23 Август 2024
АЛ-КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Веднаш по завршувањето на мандатот како амбасадор на Израел во Обединетите нации (ОН), Гилад Ердан изјави дека седиштето на ОН во Њујорк треба да биде „збришано од лицето на земјата“, пренесува Анадолу.
„Зградата на ОН треба да се затвори и да се избрише од лицето на земјата“, рече Ердан во интервју за израелскиот дневен весник „Маарив“.
Што се однесува до неговите идни планови, тој рече дека се гледа себеси како предводник на десничарската партија Ликуд по премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Ова не беше првпат Ердан да ги нападне ОН.
Тој претходно го критикуваше генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.
Во израелските напади врз Газа оттогаш убиени се повеќе од 40.170 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се над 92.740, информираа локалните здравствени власти.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од еден милион раселени Палестинци побараа засолниште од војната пред тој да биде нападнат на 6 мај.