Tayfun Salcı
01 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
ЛОНДОН (АА) – Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон презел иницијатива за изземање од функција на уредникот на весникот „Дејли мејл“, поради ставот што тој го заземал во врска со изгласаниот референдум за „Брегзит“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во јавноста излегоа тврдења дека Камерон, кој водеше кампања против излегувањето на државата од ЕУ, работел на тоа да биде изземен од функција уредникот на „Дејли мејл“, Пол Декре, кој ја застапувал страната за „Брегзит“.
Според информациите на државниот канал „Би-би-си“, Камерон во периодот на референдумот прво му порачал: ’Декре да се смири’ на Џонатан Ротермер, сопственик на весникот во кој голем простор им се отстапувало на вестите и коментарите во корист на „Брегзит“, а подоцна вршел притисок за негово изземање од функцијата уредник.
„Би-би-си“ пренесува дека пред да му се обрати на сопственикот на весникот, Камерон за темата разговарал директно со Декре во неговиот премиерски кабинет, обидувајќи се да го убеди да покаже малку помек пристап кон премиерот.
Лицето одговорно за односи со јавноста на сопственикот на „Дејли мејл“ ниту ги негираше, ниту пак ги потврди тврдењата во врска со Камерон, додавајќи: „Низ годините, многумина премиери вршеле притисоци врз Ротермер за да тргне некој уредник од функцијата. Меѓутоа, како што претходно се заколна пред судот, тој не се меша во политиката на весниците“.
- Изјава на Камерон -
Во изјавата од канцеларијата на Камерон се вели дека погрешно би било мислењето дека тој може да го одреди уредникот на „Дејли мејл“, односно: „Погрешна е информацијата во јавноста со која се тврди дека Камерон смета оти кампањата на весниците за излез од ЕУ е погрешна. Тој своите ставови во врска со ова им ги пренесе на уредникот на весникот, Пол Декре, како и на сопственикот Џонатан Ротермер на приватни средби“.