Ali H. M.Abo Rezeg
30 Март 2019•Ажурирај: 31 Март 2019
ГАЗА (AA) - Двајца Палестинци се убиени, а десетици се повредени во огнот што израелските сили денеска (сабота) го отворија во текот на протестите по повод палестинскиот Ден на земјата во Појасот Газа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Министерството за здравство на Палестина се наведува дека источно од градот Газа се убиени Нидал Сакр и Џихад Саад, додека уште 33 демонстранти добиле повреди од боева муниција.
Десетици илјади Палестинци се собраа денеска во близина на тампон-зоната помеѓу Појасот Газа и Израел за да учествуваат на масовниот собир по повод првата годишнина од протестите против окупацијата и одбележувањето на 43. годишнина од Денот на земјата, кога во 1976 година загинаа шест лица во текот на демонстрациите поради одземањето на арапската земја во Галилеја.
Во пресрет на саботните собири израелската војска распореди бројни тенкови и оклопни возила долж тампон-зоната со Појасот Газа.
Во четвртокот израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наводно ѝ наредил на војската да биде поготвена за можна опсежна кампања во Појасот Газа.
Речиси 270 палестински демонстранти се убиени од страна на израелските сили од март минатата година, кога Палестинците почнаа да одржуват протести долж тампон-зоната помеѓу Појасот Газа и Израел.
Демонстрантите бараат на палестинските бегалци да им се овозможи да се вратат во своите домови во историската Палестина од кои се протерани во 1948 година за да се создаде простор за новата држава Израел.
Исто така, тие бараат завршување на 12-годишната блокада на Појасот Газа која ја уништи економијата на приморската енклава.