Ahmet Dursun
17 Декември 2021•Ажурирај: 19 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Иранскиот заменик-министер за надворешни работи и главен преговарач Али Бакири истакна дека е постигнат добар напредок во преговорите за нуклеарната програма што се одржаа во Виена, главниот град на Австрија, и дека разговорите ќе бидат прекинати на неколку дена, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На својот профил на Твитер, иранскиот главен преговарач Бакири порача дека по консултациите со страните, се сретнал со Енрике Мора, заменик-генерален секретар и политички директор на Службата за надворешни односи на Европската Унија, за да ја оцени моменталната ситуација и чекорите што треба да се преземат во иднина.
„Оваа недела постигнавме добар напредок. Денеска ќе има состанок на заедничката комисија, а преговорите ќе ги продолжиме по неколку дена“, рече Бакири.
Разговорите, кои се фокусирани на обезбедување целосна имплементација на Договорот за иранската нуклеарна програма и враќањето на САД на договорот, се одржаа на 29 ноември, по пауза од околу пет месеци, под претседавање на претставникот на ЕУ, Мора, и со учество на претставници од Русија, Кина, Германија, Франција, Англија и Иран.
Разговорите, кои беа прекинати околу една недела поради неможноста на страните да постигнат договор, продолжија на 9 декември. Ирански и европски дипломати наведоа дека последните разговори биле попозитивни од разговорите минатата недела.