АНКАРА (АА) - Било 1971 година кога Жералдин Ли Шингосе, која го преживеала контроверзниот интернат Мусковекуан во Канада, одлучила дека нема да се враќа откако била изложена на застрашувачка злоупотреба, пишува Агенција Анадолија (АА).
Обединетите нации (ОН) од 1982 година почнаа да го одбележуваат 9 август како Светски ден на домородните народи, а Шингосе се сеќава на преживеаната траума како да било вчера.
Во училиштата што канадските власти ги формираа во 1820 година учеле околу 150.000 деца на домородниот народ, а голем број од нив биле изложени на физичко, сексуално и психичко злоупотребување, а многумина и се разболеле. Се проценува дека околу 6.000 од нив умреле.
„Ми беше тешко особено првите години бидејќи единствено што разбирав беше Салто (нејзиниот мајчин јазик) и тоа е сè што зборував, така комуницирав. Бевме казнети што го зборуваме својот јазик, неколку пати“, кажа Шингосе во разговор со АА преку видеолинк.
Во училиштето учела девет години, односно од 1962 до 1971 година.
Таа припаѓа на првата нација Тутинаовазиибенг во провинцијата Манитоба.
Истакна дека годините на школување биле исклучително тешки, бидејќи на учениците не им било дозволено да ги напуштаат просториите во текот на паузите или викендите.
„Тоа навистина му нанесе штета на мојот дух“, кажа таа додавајќи дека свештениците и калуѓерките во училиштата ги омаловажувале учениците на домородните народи нарекувајќи ги „глупави и грешни“ и говорејќи им дека ќе одат во пеколот.
Додаде дека тоа ја нарушило нејзината самодоверба и дека од училиштето заминала како срамежливо девојче.
Одвај задржувајќи ги солзите, зборуваше за претрпеното физичко насилство.
„Доживеав многу трауми од нашиот учител во трето одделение. Ќе поминеше низ ходникот, држејќи ги рацете во џебовите, и тогаш наизменично нè удираше по глава, главно во пределот на ушите“, се присети Шингосе.
Кажа дека би врескала од болка, но тоа би резултирало со нови удари.
„Научив да премолчувам за да не ме удира“, кажа таа додавајќи дека има проблеми со слухот и дека користи апарат за слух.
„Секако, тука имаше и сексуално злоупотребување, ноќите беа тешки. Не знаете дали ќе бидете избрани таа ноќ. Но, не сакам многу да зборувам за сексуалното злоупотребување бидејќи е навистина тешко“, кажа Шингосе.
„Нè присилуваа на нивната религија, не можеа да признаат дека имаме сопствен начин на живот. Ми требаа многу години повторно да се поврзам со својот идентитет“, додаде таа.
По долгиот процес на закрепнување и со поддршка на татко ѝ, Шингосе, која сега е прабаба, кажа дека повторно успеала да се поврзе со својата староседелска култура.
- Папата не успеа да ја призне сексуалната злоупотреба -
„Многу е важно луѓето да ги сослушаат преживеаните и нашите приказни, а да слушне од прва рака е најзначајно“, рече таа.
Смета дека одговорните треба да одговараат за стореното и треба да бидат изведени пред лицето на правдата.
Осврнувајќи се на неодамнешната посета на папата Франциск на Канада, кажа дека присуствувала на состанокот на папата со претставниците на домородните народи во Масквацис, недалеку од Едмонтон.
Наведувајќи дека неговата порака била многу значајна, кажа дека многу жртви, вклучително и таа самата, реагирале емотивно.
„Сепак“, додаде, „папата не успеа да ја признае сексуалната злоупотреба.“
Го критикуваше и папата поради користењето на англискиот јазик, јазикот што домородните народи беа присилени да го научат, во текот на своето обраќање.
„Требаше само да каже 'Жал ми е'. Но, одлучи да го каже тоа на својот јазик. Поради тоа неговото извинување ништо не ми значи. Заминав скршена, повторно се чувствував трауматизирано“, рече таа.
- Нови жртви -
Жерти Пјери е уште една жртва од интернатот Сент Мари во Британска Колумбија.
Таму поминала десет години, а Пјери кажа дека била присилена на молитва и присуство на миси неколку пати дневно.
„Се сеќавам кога ни даваа овесна каша. Многу од нас ја фрлаа, бидејќи беше полна со црви“, кажа таа во разговорот преку видеолинк.
Се присети на ужасните ноќи и раскажа дека само четири кревети била оддалечена од вратата низ која поминувал маж со калуѓерка и го бирал „девојчето до вратата по што би била одвлечена плачејќи“.
„Многу години подоцна слушнав за сексуалното злоупотребување што се случувало“, рече таа.
Нејзините четворица постари браќа и постара сестра, кои исто така биле во интернат, биле жртва на сексуално злоупотребување.
Покрај тоа, зборуваше и за физичко, ментално и емоционално злоупотребување во интернатите.
„Секогаш бевме казнувани“, кажа таа, додавајќи дека се сеќава колку пати била удрена.
По 10-то одделение, му кажала на семејството дека нема да се враќа во училиштето.
Пјери раскажа дека подоцна нејзината мајка нашла работа за неа во интернатот, каде што го запознала сопругот.
„Ако мене ми беше лошо во интернатот, нему му беше полошо. Одеше на островот Купер, што го нарекуваа Алкатраз бидејќи беше опкружен со вода, а многу деца се удавија при обид да избегаат“, кажа таа осврнувајќи се на искуството на сопругот.
По долгото патување при закрепнувањето, Пјери кажа дека научила да прости и да не ги обвинува родителите за нивните постапки.
„Мојата мајка видела како девојче е убиено во интернатот и тоа секогаш ја прогонуваше. Никогаш не зборуваше за тоа, бидејќи во интернатите, калуѓерките ви зборуваа дека сè што ќе видите, слушнете, останува, никогаш не зборувате за тоа“, кажа таа.
Додаде дека нејзината мајка ја чувала таа тајна до смртната постела, на која умирала од карцином.
Пјери дипломирала на универзитет во 1965 година и станала социјален работник.
- „Деца од кутија за чевли“ -
Брус Алан е една од жртвите што биле во интернатот во Лежак во Британска Колумбија од 1967 до 1976 година.
Потекнува од првата нација Стелатен, и смета дека намерата на интернатот бил геноцид.
„Тоа отворено не го признаваа, говорите за културолошкиот геноцид, но намерата им беше да се ослободат од нас“, кажа тој во разговор со АА преку видеолинк.
Додаде дека откривањето масовни гробници во школските училишта и неодамнешната посета на папата поттикнала многумина да зборуваат за преживеаното.
„Со години жртвите говорат дека имало неозначени гробови. Сведочеа на убиства на деца. Сведочеа на спалување на децата во печки, сведочеа на тоа дека свештениците и калуѓерките ги погребувале децата. Ги нарекувале деца од кутија за чевли, бидејќи ги собираше во кутија за чевли, а потоа беа погребани покрај школскиот двор во неозначени гробови“, рече тој.
Додаде дека многу трауми се пренесени од генерација на генерација, и дека процесот на закрепнување траел долго.
news_share_descriptionsubscription_contact
