Murat Temizer
01 Октомври 2022•Ажурирај: 02 Октомври 2022
ВАРШАВА (АА) - Полскиот оператор за гасовод Гас-Систем соопшти дека природниот гас од денес почнал да тече низ новиот Балтички гасовод од Норвешка, преку Данска, во Полска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Гас-Систем на Твитер наведе дека ова е историски ден за енергетскиот сектор на Полска.
Гасоводот што има капацитет од 10 милијарди кубни метри годишно, е важен елемент на полската стратегија за диверзификација на увозот на енергија од Русија.
Транспортот на гас од Норвешка заедно со снабдувањето преку терминалот за ТПГ е клучен за планот за енергетска сигурност на Полска.
Во април на Полска ѝ е прекинат пристапот кон рускиот гас бидејќи одби да го плаќа во рубљи.
Проектот е започнат во соработка помеѓу Гас-Систем и данскиот оператор за преносен систем на гас и електрична енергија Енерџинет.
Балтичкиот гасовод се состои од пет главни компоненти, вклучувајќи го морскиот цевковод од Северното Море, копнените цевководи во Данска, компресорската станица во Данска, морскиот цевковод во Балтичко Море и Полска на копно.