Ekip
26 Септември 2019•Ажурирај: 26 Септември 2019
ДАКА (АА) - Премиерот на Бангладеш, Шеких Хасина, изјави дека светот мора да го повика Мјанмар да создаде погодна ситуација за враќањето на Рохинџите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Рохинџа кризата е опасен предизвик за Бангладеш... ние сакаме мирно и итно решение на кризата. Мјанмар ја создаде кризата и решението лежи во Мјанмар“, изјави Хасина, зборувајќи во истражувачко-аналитичкиот центар на Советот за надворешни односи во Њујорк.
„Таа тврди дека Мјанмар сакал да го истреби малцинството Рохинџи од Аракан“, објави државната новинска агенција на Бангладеш.
„Рохинџите избегаа од насилството и злосторствата и ние ја отворивме нашата граница за да ги засолниме на хуманитарна основа“, рече таа, додавајќи дека нејзината влада направила сè за да го поддржи муслиманското малцинство во Мјанмар од август 2017 година, кога избегале од казнувањето од страна на Војската на Мјанмар.
„Ние исто така ве повикуваме да ги посетите камповите на Рохинџите во Кокс Базар во Бангладеш. Веруваме дека доколку ги посетите тие кампови, ќе бидете потресени од нивните застрашувачки приказни за злостоствата од рацете на безбедносните сили во Мјанмар и локалните одмазници“, рече таа.
„Верувам дека гледањето на нивната неволја ќе ви ги стопли вашите срца и ќе сакате да ставите крај на нивната болна ситуација што е можно поскоро“, додаде Хасина.
Муслиманите Рохинџи, опишани од ОН како најпрогонуваната заедница во светот, се соочија со зголемени стравувања од напади, откако десетици беа убиени во насилствaта во 2012 година.
Според „Амнести интернешнал“ (Amnesty International), над 750.000 муслимани Рохинџи, од кои најмногу деца и жени, избегаа од Мјанмар и преминаа во Бангладеш, откако безбедносните сили на Мјанмар започнаа репресивни мерки против муслиманското малцинство во август 2017 година.
Според извештајот на Меѓународната агенција за развој „Онтарио“ (OIDA), од 25 август 2017 година, речиси 24.000 муслимани Рохинџи се убиени од страна на безбедносните сили на Мјанмар.
„Над 34.000 Рохинџи се фрлени во огнената стихија на запалените села, а над 114.000 беа претепани“, се вели во извештајот, насловен „Присилна миграција на Рохинџите - нераскажано искуство“.