Ali Cura
26 Мај 2021•Ажурирај: 27 Мај 2021
МИНСК (АА) - Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, истакна дека дојавата за бомба во патничкиот авион на авиокомпанијата „Рајанер“, што патуваше на релација Атина - Вилнус, дошла од Швајцарија и дека во согласност со меѓународните правила, авионот бил вратен од близина на Нуклеарната централа на Белорусија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лукашенко во своето обраќање во Парламентот на Белорусија говореше во врска со итното слетување на патничкиот авион на „Рајанер“ минатата недела поради дојавата за бомба.
Според него, го направиле тоа што е потребно во врска со авионот за кој е добиена дојава за бомба додека авионот летал во воздушниот простор на Белорусија.
Тој рече дека често добиваат неосновани дојави за бомба со IP-адреси од Полска, Литванија, Латвија, во врска со училишта, универзитети, институции и авиони во Белорусија, и дека ги прават потребните чекори за секоја добиена дојава.
Белорускиот претседател нагласи дека оваа дојава за бомба во авионот на „Рајанер“ дошла од странство.
„Дојавата за бомба дојде од Швајцарија. Исто така, оваа дојава во исто време дојде и во Атина, и во Вилнус, и во Минск. Белоруската страна, според меѓународните правила, оваа информација брзо ја пренесе до екипажот на авионот. Бидејќи авионот во тој момент влезе во границите на Белорусија и беше во нашиот воздушен простор“, истакна тој, додавајќи дека 123-те патници во авионот, како и екипажот од 6 членови, биле под закана.
„Пилотите имаа време за да донесат одлука. Авионот беше вратен од близина на Нуклеарната централа на Белорусија. Што би се случило да не беше направено тоа? За нас малку ли е случајот во Чернобил? САД, кои имаат жално искуство, како би реагирале во ваква состојба?“, нагласи Лукашенко.
Според него, полетувањето на воениот авион од типот „Миг-29“ во овие моменти е во согласност со сите правила.
Лукашенко нагласи дека додека авионот бил во воздух, подготвени биле системите за заштита на Нуклеарната централа, како и воздушно-одбранбените системи.
„Морам да ги штитам луѓето и да се грижам за безбедноста на мојата земја. Доколку терористите сакаа да го разнесе авионот, тогаш не би биле во можност да помогнеме. Направив и ќе продолжам да правам законски чекори за да го штитам мојот народ“, рече Лукашенко.
Белорускиот претседател истакна дека се променети методите за напад од внатре во земјата и од странство кон Белорусија.
„Тоа веќе не е информативна војна, туку модерна хибрид-војна. Треба да се направи сè за тоа да не се претвори во жешка војна“, додаде тој, нагласувајќи дека наскоро ќе ги објават изјавите од испрашувањето на приведените лица.
Според него, ги чека период што не е лесен, поради санкциите на Западот.
„Остро ќе одговориме на каква било санкција, напад и провокација. Тоа ќе го направиме не затоа што сакаме да започнеме борба во центарот на континентот, туку затоа што Западот не ни остави друга опција“, истакна тој.
Лукашенко нагласи дека Западот врши досега невиден притисок врз Белорусија и дека Западот сака да им одржи лекција на агресивен начин користејќи ги највалканите методи и технологии.
Тој потсети дека Западот извршил обид и за државен удар во неговата земја и дека Западот нема да биде успешен поради тоа што, како што рече, неговата земја е моќна и независна.