Dmitri Chirciu
26 Мај 2021•Ажурирај: 26 Мај 2021
ЕРЕВАН
Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, денес ги повика Азербејџан и Ерменија мирно да го решат неодамнешниот спор за границата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Убивањето луѓе при секоја тензија е загрижувачко. Ова прашање треба да се реши што е можно поскоро со мир“, рече Зариф на прес-конференцијата во Ереван по состанокот со неговиот ерменски колега, Ара Ајвазијан.
„Видов дека претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, е подготвен да го намали нивото на напнатост и е за дијалог“, рече тој, истакнувајќи ја средбата во вторникот со Алиев.
Зариф, исто така, ја изрази подготвеноста на Иран да преземе иницијатива за решавање на спорот.
Ајвазјан, од своја страна, рече дека Ерменија е за решавање на спорот преку политички и дипломатски средства.
Позиционирањето на азербејџанската Армија на одредени места во областите Лачин и Калбајар, што беа ослободени од ерменската окупација минатата година, предизвика тензија меѓу Баку и Ереван.
Ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, се обрати до Организацијата за договор за колективна безбедност (CSTO) предводена од Русија со тврдење дека некои области заземени од азербејџанската Армија припаѓаат на неговата земја.
Односите меѓу двете поранешни советски републики Ерменија и Азербејџан се напнати од 1991 година кога ерменската Војска го окупираше Нагорно Карабах, територија меѓународно призната како дел од Азербејџан, и седум соседни региони.
Минатата година, конфликтот повторно ескалираше и траеше шест недели, завршувајќи со примирје со посредство на Русија на 10 ноември.
За тоа време, Азербејџан ослободи неколку стратешки градови и речиси 300 свои населени места и села од ерменската окупација.
Воспоставен е заеднички турско-руски центар за следење на прекинот на огнот. Во регионот се распоредени и руски мировни трупи.