Elena Teslova
10 Јануари 2022•Ажурирај: 11 Јануари 2022
МОСКВА
Казахстанскиот претседател Касим Џомерт Токаев денес изјави дека протестите во таа земја до кои дојде поради зголемувањето на цените на горивото се „обид за државен удар“, јавува Агенција Анадолија (АА).
За време на вонредниот виртуелен состанок тој се обрати на лидерите на Организацијата на Договорот за заедничка безбедност (ODKB), воен сојуз на поранешните советски држави на чело со Русија.
Токаев изјави дека протестите започнале „на команда“ и дека демонстрантите прво се обиделе да го освојат оружјето и воената опрема.
Тој изјави дека „терористите, меѓу кои и странските борци“, учествувале најактивно во немирите, додавајќи дека биле убиени 16 припадници на полицијата.
„Казахстан наскоро ќе му претстави на светот докази за терористички план“, изјави шефот на државата.
Токаев рече дека е воспоставен ред во земјата за да може наскоро да заврши „антитерористичката“ операција, а дека во вторник ќе ја претстави новата потенцијална влада.
Казахстанскиот лидер ја пофали улогата на ОДКБ во ставањето крај на немирите, велејќи дека сите земји членки се обединети во својот став да го поддржат Казахстан и дека доаѓањето на мировната мисија помогнало да се врати контролата врз Алмати, трговското седиште и поранешен главен град.
Протестите во Казахстан започнаа во западниот дел на 2 јануари поради зголемувањето на цената на горивото, а подоцна се проширија во другите подрачја. Потоа претседателот Касим Џомерт Токаев прогласи вонредна состојба во Алматија, најголемиот град во земјата, и во регионот богат со нафта Мангистау, а подоцна ја одобри оставката на Владата.
Токаев претходно рече дека им наредил на безбедносните сили да пукаат без предупредување во луѓето што ги нарекува „терористи“, обвинувајќи ги дека го продолжуваат насилството.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко ги повика своите партнери да извлечат поука од ситуациите во Казахстан.
Рускиот претседател Владимир Путин ги нарече протестите „напад врз Казахстан“ и „чин на агресија“, истакнувајќи дека протестите не биле предизвикани само поради зголемувањето на цените на гориво.
Тој изјави дека мировната мисија на ОДКБ не треба да се нарекува „окупаторски сили“ и дека мировниот контингент ќе биде повлечен штом ситуацијата се нормализира потполно.