Bayram Altuğ
10 Јануари 2022•Ажурирај: 11 Јануари 2022
ЖЕНЕВА
Во Женева, Швајцарија, започнаа безбедносните разговори меѓу САД и Русија, под претседателство на заменик-државниот секретар на САД, Венди Р. Шерман, и рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Разговорите започнаа во 10:55 часот по средноевропско време во мисијата на САД во Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) во Женева.
На вонредниот состанок на Стратешкиот дијалог за стабилност (SSD), на кој присуствуваат дипломати на високо ниво од двете земји, се очекува да се разговара и за прашањата како што се проблемот со Украина, проширувањето на НАТО кон исток, контролата на нуклеарното оружје, киберкриминалот и билатералните односи.
По разговорите страните најавија дека ќе одржат одделни прес-конференции со почеток во 19:30 часот по средноевропско време.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, истакна дека Шерман и Рјабков синоќа се сретнале во Женева и разговарале за агендата на денешните разговори.
Американскиот претседател, Џо Бајден, и рускиот претседател, Владимир Путин, се сретнаа во Женева на 16 јуни и одлучија да го продолжи дијалогот за решавање на конфликтните прашања.
Од друга страна, САД, НАТО и многу западни земји реагираа на военото натрупување на Русија на украинската граница, предупредувајќи дека агресивниот однос кон Украина ќе има сериозни последици и висока цена за Русија.
Русија во својата декемвриска понуда за безбедносни гаранции одделно за САД и НАТО даде некои предлози, меѓу кои побара гаранции дека НАТО нема да се проширува кон исток.
Русија и САД денес во Женева ќе разговараат за овие прашања. Се очекува ова прашање да биде разгледано на Советот НАТО - Русија на 12 јануари.