Talha Yavuz,Jeyhun Aliyev
01 Февруари 2022•Ажурирај: 02 Февруари 2022
КРАМАТОРСК (АА) - Претседателот на Меѓуконфесионалниот црковен совет во Краматорск во регионот Донбас, Владимир Зубјенко, истакна дека ја поздравуваат намерата на Турција да дејствува како посредник во кризата меѓу Украина и Русија, нагласувајќи дека Турција е многу влијателна земја.
Иако Краматорск во 2014 година извесно време падна во рацете на проруските сепаратисти, украинската Армија ја врати контролата врз градот.
Свештенството на некои христијански цркви во регионот за Агенција Анадолија (АА) ја оцени руско-украинската криза.

Владимир Зубјенко, претседател на Меѓуконфесионалниот совет на црквите во Краматорск, кој служел како свештеник речиси 30 години, рече дека во 2014 година проруските сепаратисти го зазеле градот на некое време и дека тогаш поминале низ тешки времиња.
Оценувајќи ја можноста за голем напад на Русија врз Украина, Зубјенко потсети дека украинската Армија брои 200.000 луѓе и резервна сила од 400.000 и дека руските единици не се доволни за сеопфатна инвазија на Украина.

„Се молиме на Бога, кој има моќ да ја запре агресијата и да ја заштити Украина“, рече Зубјенко.
Нагласувајќи дека ја поздравуваат намерата на Турција да дејствува како посредник во украинско-руската криза, Зубјенко рече: „Имам голема почит кон Ердоган. Неговата мудрост привлекува внимание.“
- „Турција е многу влијателна земја“ -
Наведувајќи дека е задоволен од фактот што Турција има мудар претседател и од дијалогот меѓу двете земји, Зубјенко рече: „Турција е многу влијателна земја, тоа го видовме во последните години, минатата година им помогна на оние на кои им беше потребна помош.“
Тој рече дека партнерството меѓу Украина и Турција е чекор кон мирот, дека Турција е повлијателна од некои европски земји, членка на НАТО и земја која има тежина во муслиманскиот свет.
Порачувајќи дека се залага за развој на коректни односи со Русија и дека немаат категоричен непријател, Зубјенко посака мир и развој за Украина и за Турција.

- „Се молиме за мир“ -
Свештеникот на Грчката католичка црква, Петер, истакна дека како и остатокот од земјата, со загриженост го следат развојот на настаните.
Додавајќи дека нивната црква се моли за мир, Петер рече: „Во нашите служби се молиме за мир што доаѓа од небото и бараме голема благодат од Бога.“