Halime Afra Aksoy
01 Февруари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас и американскиот државен секретар Ентони Блинкен телефонски разговараа за билатералните односи и за најновите случувања во Палестина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Абас му повторил на Блинкен дека моменталната ситуација не е одржлива, објави палестинската официјална новинска агенција ВАФА.
„Израелската окупација треба да ги запре активностите на населување и нападите на еврејските доселеници, како и протерувањето на Палестинците од населбите во Кудс (Ерусалим)“, посочил Абас.
Тој, исто така, ја истакнал потребата да се запрат едностраните израелски практики кои го поткопуваат дводржавното решение, како и да се спроведат договорите потпишани меѓу двете страни.
Палестинскиот претседател укажал на важноста од продолжување на работата за зајакнување на односите со САД и за надминување на пречките што стојат на патот на овие односи.
Американскиот државен секретар Блинкен ја потврдил посветеноста на САД кон дводржавното решение.
Блинкен истакнал дека администрацијата на Бајден е свесна за политичките и економските потешкотии низ кои минува палестинската власт и го нагласил нејзиното отфрлање на населбите и нападите од страна на доселениците и упадите во областите под палестинска управа.
Тој додаде дека администрацијата на Бајден е посветена на повторно отворање на американскиот Конзулат во Источен Кудс (Источен Ерусалим).