Nur Asena Ertürk
04 Јули 2023•Ажурирај: 05 Јули 2023
АНКАРА (АА) - Француската полиција приведе уште 72 лица во текот на ноќта на протестите низ земјата кои избувнаа поради убиството на 17-годишен тинејџер од страна на полицијата минатата недела, пренесува Анадолу.
Протести продолжуваат да ја тресат Франција од 27 јуни, кога полицаец го застрела Нахел М., тинејџер од алжирско потекло, за време на сообраќајна контрола во париското предградие Нантер, откако тој, наводно, ги игнорирал наредбите да запре.
Полицаецот се соочува со формална истрага за намерно убиство и ставен е во прелиминарен притвор.
Протестите, кои започнаа во Нантер, наредната вечер се проширија и во други градови низ Франција, како Лион, Тулуз, Лил и Марсеј.
Тензиите се зголемија по судирите меѓу полицијата и демонстрантите.
Полицијата приведе стотици од избувнувањето на протестите, вклучително и 72 лица во последната ноќ од немирите, објави весникот „Фигаро“.
Се додава дека се подметнати 202 пожара на јавни патишта, а опожарени се 159 возила.
Градоначалниците во Франција денес се собраа пред општините низ земјата за да ѝ искажат поддршка на општината Леј-ле-Роз, каде што беше запалено возилото на градоначалникот Винсент Жанбрун ноќта меѓу саботата и неделата.
Претседателот Емануел Макрон денес ќе одржи состанок со градоначалниците на градовите каде што се случија акти на насилство.
Претседателот на бизнис и мрежата на работодавци, Движење на француските претпријатија (МЕДЕФ), Жофруа Ру де Безје, изјави дека од почетокот на протестите целосно се ограбени над 200 продавници, а 300 филијали на банки се уништени, пишува дневниот весник Ле Паризиен.
„Прерано е да се дадат точни бројки, но штетата е над милијарда евра, без да се пресметаат штетите од туристички аспект“, рече тој во вчерашното интервју. „Видеата што циркулираат на социјалните мрежи го влошуваат имиџот на Франција“, додаде Де Безје.
Министерот за образование Пап Ниаје за телевизијата РТЛ денес изјави дека 243 училишни згради се оштетени за време на протестите, меѓу кои и десетина уништени или делумно уништени.
Тој спомена и предизвикана штета од десетина милиони евра, нагласувајќи дека државата ќе им ја даде потребната поддршка на локалните власти.