Ali Cura
05 Декември 2018•Ажурирај: 06 Декември 2018
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека не се дадени докази дека неговата земја го прекршила Договорот за нуклеарни сили од среден домет (INF), јавува Anadolu Agency (AA).
Путин одговараше на прашањата на новинарите за обвиненијата на САД на сметка на Русија, кои се однесуваат на овој договор.
Рускиот претседател во таа прилика се осврна на изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео.
„Прво, американската страна соопшти дека ќе се повлече од Договорот за нуклеарни сили, а потоа започнаа да бараат оправдувања за таквите чекори. Како основна причина е наведено тоа што ние сме го прекршиле Договорот. Сепак, како и секогаш, не е покажан ниту еден доказ дека нашата страна го прекршила Договорот“, изјави Путин.
Смета дека одлуката одамна е донесена тајно.
„Мислеа дека тоа нема да го забележиме. Овие проекти се развиваат со буџетот на Пентагон. Но, тоа ќе биде јасно по ова соопштување на јавноста. Вториот чекор беше да се обвини некој. Секако, за Западот, основен и познат виновник е Русија. Не е така, ние се противиме на кршењето на овој договор. Доколку дојде до тоа, ќе одговориме на соодветен начин“, изјави Путин.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео, по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО ѝ даде на Русија рок од 60 дена да ги исполни обврските што произлегуваат од Договорот за нуклеарни сили од среден домет (INF).
Смета дека Русија мами кога станува збор за тестирањето на оружјето.
„За САД нема смисла да останат во договорот“, изјави Помпео.