Ali Cura,Emre Gürkan Abay
18 Јуни 2022•Ажурирај: 20 Јуни 2022
САНКТ ПЕТЕРБУРГ - Претседателот Владимир Путин изјави дека Русија не се противи на евентуалниот кандидатски статус или членство на Украина во Европската унија (ЕУ) и дека нема причини за загриженост бидејќи ЕУ не е воена организација, за разлика од НАТО, известува Агенција Анадолија (АА).
Путин учествуваше на 25. Меѓународен економски форум во Санкт Петербург (SPIF), каде ги коментираше глобалните економски и политички случувања.
Зборувајќи дека Русија има моќ значително да го зголеми извозот на храна и ѓубриво, Путин наведе дека постојат проблеми во снабдувањето со храна кои не потекнуваат од Русија, туку од Западот.
Путин истакна дека зголемувањето на понудата на глобалните прехрамбени производи и задоволувањето на потребите на земјите е најважна задача на меѓународната заедница.
Тој истакна дека руската понуда на житарици во наредната сезона би можела да се зголеми на 50 милиони тони и додаде дека приоритет ќе бидат регионите на Блискиот исток и африканските земји.
„Русија не е одговорна за проблемот со житото во Украина. Ние не го попречуваме снабдувањето со жито од Украина. Ние не сме тие кои поставуваат мини во пристаништата во Црното море. Нека ги очистат мините и нека ги отстранат бродовите“, рече Путин.
Претседателот на Русија истакна дека постојат неколку опции за извозот на житарици од Украина, но тоа може да се случи само ако Киев одлучи самостојно, без да ги слуша „оние преку океанот“.
Коментирајќи ги наводите од медиумите дека Русија се заканува со нуклеарно оружје, Путин рече дека таа реторика излегла од устата на неодговорни политичари и дека истата е користена на многу високо ниво.
„Кога ние ќе одговориме, тие поради тоа нѐ напаѓаат и велат дека Русија се заканува. Никому не му се закануваме. Ние не се закануваме, но сите знаат што имаме и треба да знаат што ќе користиме доколку биде потребно за да го заштитиме нашиот суверенитет“, рече Путин.
Одговорајќи на прашањата за можен кандидатски статус или членство на Украина во Европската унија (ЕУ), Путин рече дека има јасен став за тоа.
„ЕУ не е воена организација, за разлика од НАТО. Како што секогаш кажувам, нашиот став е многу доследен и јасен во тој поглед. Русија не е против тоа“, рече Путин.
Истакнувајќи дека на украинската економија ќе и бидат потребни огромни субвенции, Путин рече дека таа земја со време би можела да биде претворена во полуколонијална држава.
„Воените судири секогаш се трагедија. Ова е само неопходна акција од наша страна. Тоа беше неизбежно и неопходно“, рече Путин.