Mohamad Misto,Ethem Emre Özcan
15 Февруари 2021•Ажурирај: 16 Февруари 2021
ХАСЕКА (АА) – МОХАМЕД МИСТО / ЕТЕМ ЕМРЕ ОЗЏАН -
Со цел зајакнување на своето воено присуство во покраината Хасека, во североисточна Сирија, која е окупирана од терористичката организација ЈПГ/ПКК, Русија започна да формира воена единица составена од локални елементи, пишува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од локални извори, Русија го зајакнува военото присуство во Хасека, каде што еден период има напнатост меѓу силите на режимот на Асад и терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Руската армија од 25 декември 2020 година распореди околу 1000 војници во Хасека. Сега започна да формира единица, што ќе ѝ биде лојална, од локалните елементи во регионите што се под режимот на Асад.
Процесот на регистрација продолжува, а досега 200 лица се додадени на списокот за регистрација на единицата.
Оние што ќе се приклучат на едницата наречена „Службеници за одбрана“ ќе добиваат месечна плата од 300 долари.
Во декември 2019 година, Русија се обиде да формира воена единица составена од локални елементи за да ги заштити своите воени точки во областите Амуде и Тел Темир, окупирани од ЈПГ/ПКК во Хасека. Но, оваа намера на Русите беше попречена од САД во април 2020 година.
- Режимот ја вооружува и милицијата Шебиха -
Со договорот постигнат меѓу Русија и ЈПГ/ПКК на 11 февруари, беше ограничена слободата на движење на режимските сили. Затоа режимските сили за да ја задржат својата моќ во регионот се потпреа на либанскиот Хезболах, поддржан од Иран.
Хезболах пред две недели испрати 200 милитанти на аеродромот „Камишли“ во Хасека. Но, руските сили за кратко време ги истераа милитантите на Хезболах од аеродромот.
Режимот ги вооружуваше локалните милиции популарно познати како „Шебиха“ и по неколку месеци доцнење повторно им исплати плати. Организацијата Хезболах започна да им обезбедува воена обука на припадниците на Шебиха.
- Најновата ситуација во тензијата меѓу режимот и ЈПГ/ПКК во Хасека -
Притисокот врз ЈПГ/ПКК од страна на Русија и силите на Асад да ја предаде областа Ајн Иса во северна Сирија на режимските сили ја разгори тензијата меѓу страните.
Организацијата на тоа одговори со притвор на некои припадници на режимските сили во Камишли за некое време.
Страните започнаа да воведуваат блокади едни против други во Хасека и Алепо. Со посредство на Русија тие практики беа олабавени.
Силите на режимот на Асад се согласија да дејствуваат под дозвола и надзор на организацијата во центарот на градот Хасека и во центарот на Камишли.
- Присуството на Русија во регионот -
Откако Турција на 9 октомври 2019 година ја започна операцијата „Извор на мирот“ против ЈПГ/ПКК, во некои бази ослободени од американските трупи во северна Сирија се стационираа руските сили.
Оттогаш, Русија го зајакна своето присуство со зголемување на бројот на бази во окупираните области од страна на ЈПГ/ПКК источно од реката Еуфрат.
Русија во Хасека, Рака и областите Мунбич и Ајн ал Араб (Кобани) во Алепо има вкупно 18 бази и полициски станици.
По операцијата „Извор на мирот“, руската Армија направи многу обиди да стигне до нафтените полиња „Румејлан“ на истокот од Камишли, но американската Армија ги попречи.