Elena Teslova
12 Мај 2021•Ажурирај: 13 Мај 2021
МОСКВА
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денес изјави дека Москва е загрижена во врска со растечкиот број на цивилните жртви предизвикани од неодамнешната ескалација на состојбата меѓу Израел и Палестина и ги повика двете страни да се воздржат, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ги повикуваме двете страни да бидат воздржани. Загрижени сме поради зголемениот број цивилни жртви и гранатирањето цивили“, рече Песков за новинарите на дневната телефонска конференција во главниот град Москва.
„Двете страни мора да најдат сила да постигнат решение за проблемот, потпирајќи се пред сè на постојните резолуции на Советот за безбедност на ОН“, рече Песков.
Тензиите се одвиваат во населбата Шеик Џарах во Источен Кудс (Источен Ерусалим) од минатата недела, кога израелскиот суд нареди иселување на палестинските семејства, што подоцна беше одложено.
Палестинците кои протестираат во знак на солидарност со жителите на Шеик Џарах се цел на израелските сили.
Ескалацијата резултираше со воздушни напади на Израел врз Газа, што остави голем број мртви и стотици ранети.
Израел го окупираше (Источен Кудс) Источен Ерусалим за време на Арапско-израелската војна во 1967 година и го анектираше целиот град во 1980 година - потег што никогаш не бил признат од меѓународната заедница.