Diyar Güldoğan
27 Декември 2016•Ажурирај: 27 Декември 2016
АНКАРА (АА) – Во денешното соопштение на руското Министерство за надворешни работи се вели дека министрите за надворешни работи на Русија и на Турција разговараа за подготовките за можна средба во Казахстан во врска со случувањата во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Од министерството се соопштува дека Сергеј Лавров и Мевлут Чавушоглу размениле мислења во врска со ситуацијата во Сирија.
„Тие ја нагласија важноста за итно финализирање на практичните параметри за прекин на огнот, одвојувајќи ја умерената опозиција од терористичките групи и да се направат подготовки за состанокот во Астана на повик на казахстанската Влада”, се вели во соопштението на министерството.
Лавров за руската новинска агенција Интерфакс исто така изјави дека Москва, Анкара и Техеран ќе изградат понатамошна соработка за Сирија.
Рускиот претседател Владимир Путин во петокот исто така изјави дека Русија, Турција и Иран се согласиле на претходниот предлог да ги обединат претставниците на сирискиот режим и на опозицијата во Казахстан.
Казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбајев ја изрази својата подготвеност за обезбедување платформа за разговори во Астана, со цел да се реши долготрајната криза.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Оттогаш, според ОН, загинаа повеќе од 250.000 лица, а над 10 милиони се раселени.