Русија и Украина разменија обвинувања за ноќни напади со беспилотни летала врз логистичка, пристанишна и друга инфраструктура, при што украинските власти пријавија најмалку тројца загинати и 22 повредени лица, пренесува Анадолу.
Во Русија, вршителот на должноста гувернер на Тверската Област, Виталиј Королев, на руската социјална мрежа Макс соопшти дека остатоци од украинско беспилотно летало го оштетиле ѕидот на магацинот што е сопственост на „Вајлдберис“, најголем онлајн трговец во земјата, во Калининскиот Округ.
„Ниеден вработен не е повреден. Итните служби се на терен за да ја осигурат натамошната безбедност на објектот“, рече Королев.
„Вајлдберис“ го потврди нападот на Телеграм, наведувајќи дека на неговиот логистички објект е предизвикана мала материјална штета, но бил евакуиран во согласност со безбедносните прописи. Ниедна стока не била оштетена.
Украина ги интензивираше нападите со беспилотни летала врз логистичките објекти на „Вајлдберис“ во кампања што започна во средината на јули и се прошири низ неколку руски региони.
Од 18 јули украински беспилотни летала ги гаѓале логистичките центри на „Вајлдберис“ во Московската, Тамбовската, Ленинградската, Краснодарската, Волгоградската и Ставрополската Област, како и на Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.
Киев го обвини онлајн трговецот дека има улога во воениот синџир на снабдување на Москва, а Москва и „Вајлдберис“ тврдат дека објектите се исклучиво цивилни.
Гувернерот на Ленинградската Област, Александар Дрозденко, пријави оштетување и пожар во балтичкото пристаниште Уст-Луга по украинскиот напад со беспилотни летала.
„Сите последици од нападот врз пристаништето Уст-Луга се отстранети. Нема жртви“, подоцна соопшти Дрозденко, тврдејќи дека во нападот биле соборени 54 украински беспилотни летала.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила вкупно 553 украински беспилотни летала над 18 региони, како и над Црното Море, Азовското Море и Крим.
- Напади во Украина
Во Украина, гувернерот на Житомирската Област, Виталиј Бунечко, соопшти дека руски беспилотни леала во текот на ноќта погодиле објект од критична инфраструктура и цивилен објект во регионот.
„Според прелиминарните информации, нема жртви или повредени како резултат на непријателските напади“, рече Бунечко, додавајќи дека пожарите на локациите биле ставени под контрола и изгаснати.
Државната администрација на Округот Измаил во јужната Одеска Област соопшти дека во руските напади е погодена локална инфраструктура и предизвикале неколку пожари, кои итните служби брзо ги изгаснале.
Во североисточната Сумска Област, гувернерот Олех Хрихоров соопшти дека две лица загинале, а четири биле повредени кога руски беспилотни летала погодиле станбена зграда.
Во источната Доњецка Област, гувернерот Вадим Филашкин соопшти дека едно лице загинало, а 18 биле повредени во воздушен напад врз градот Краматорск, при што била оштетена станбена зграда.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски соопшти дека напади биле пријавени и во неколку други региони.
„Секој ден Русија користи околу 220 наведувани воздушни бомби против нашите заедници на фронтот, кои воената индустрија на агресорот продолжува да ги произведува и модифицира и покрај санкциите“, рече Зеленски на американската компанија за социјални медиуми Х.
„Потребен е притисок врз секој синџир на снабдување со странски компоненти и секое претпријатие што овозможува напади врз човечки животи“, додаде тој.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека нивната противвоздушна одбрана соборила 90 од 112 беспилотни летала што Русија ги лансирала во текот на ноќта.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили синоќа погодиле два реморкера во Црното Море, југозападно од Миколаив, тврдејќи дека тие се користеле за придружба на „бродови за превоз на сув товар со западно оружје“ за украинската армија.
Исто така, соопшти дека руските беспилотни летала во текот на ноќта ја погодиле железничката станица во пристаништето Измаил, тврдејќи дека објектот се „користел за товарење, складирање и транспорт на воен товар и гориво“.
Москва и Киев сè почесто си ги гаѓаат логистичките центри, како и пристанишната и енергетската инфраструктура, во тековната војна.
Двете страни негираат дека намерно гаѓаат цивилна инфраструктура, тврдејќи дека нивните напади се насочени кон воени цели или објекти поврзани со воени активности.