Handan Kazancı
10 Ноември 2020•Ажурирај: 11 Ноември 2020
МОСКВА (АА) - Руските мировни сили се на пат кон Нагорно Карабах за да се распоредат таму според договорот постигнат меѓу Азербејџан и Ерменија, објавија денес локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Со цел да се контролира прекинот на огнот и престанокот на воените дејствија во зоната на конфликтот во Нагорно Карабах, распореден е руски мировен контингент составен од 1.960 војници, 90 оклопни возила, 380 единици на возила и специјална опрема“, јави руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на Министерството за одбрана.
Мировниците се испраќаат со авиони Ил-76 од аеродромот во Улјановск.
„Контингентот главно ќе се формира од единиците на 15-тата одделна моторизирана бригада на Централниот воен округ“, објави Агенцијата.
Рускиот претседател, Владимир Путин, утринава објави дека Азербејџан и Ерменија потпишале договор за да се стави крај на конфликтот во регионот на Нагорно Карабах.