Ekipa
25 Јануари 2022•Ажурирај: 26 Јануари 2022
КАРТУМ (АА) - Демонстрантите во Судан денес ги блокираа главните улици во главниот град Картум, барајќи целосно воспоставување цивилна власт, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите палеа гуми и подигаа барикади на главните улици во градовите Бахри и Омдурман незадоволни поради задушувањето на протестот, јавува репортерот на АА од протестите.
Лекари соопштија дека вчера животот го изгубиле тројца демонстранти, и дека десетина се повредени во текот на протестите за воспоставување целосна цивилна власт во Судан.
Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Картум ги предупреди своите државјани да избегнуваат метеж и демонстрации.
„Силите на безбедноста можат да ги затворат мостовите. Ненајавените протести и граѓанската непослушност може да продолжат во наредните недели“, се наведува во соопштението.
Немирите во Судан започнаа на 25 октомври 2021 година кога суданската Војска ја смени преодната власт на премиерот Абдула Хамдок и прогласи вонредна состојба.
Хамдок меѓутоа е вратен на власт на 21 ноември според договорот со Абдел Фатах ал Бурхан, командантот на суданската Војска, во потег што имаше за цел решавање на политичката криза која се закануваше да ја поткопа транзицијата на Судан кон демократијата.
Додека земјите и регионалните и меѓународните организации, вклучително и Обединетите нации (ОН), го поздравија договорот, суданските политички и граѓански сили го одбија, сметајќи го „за обид за легитимизација на пучот“.
Пред военото преземање, со Судан управуваше суверениот Совет на воени и цивилни претставници кој го надгледуваше преодниот период до изборите што се најавени за 2023 година.