Dmitri Chirciu
15 Април 2022•Ажурирај: 18 Април 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, истакна дека приклучувањето на Шведска и Финска во НАТО ќе има негативни последици за мирот и стабилноста во Северна Европа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение Захарова ја оцени можноста Шведска и Финска да влезат во НАТО.
Наведувајќи дека во Шведска и Финска се одржани големи воени вежби, Захарова рече:
„Целта на НАТО е да го зголеми воениот потенцијал и географски да се прошири, да создаде уште еден фронт за закана на Русија. Но нејасно е зошто на нашите фински и шведски соседи во Балтичкиот Регион им треба НАТО за да се претвори во нов фронт за конфронтација со Русија. Очигледно е дека ќе има негативни последици за стабилноста и мирот во Северна Европа.“
Тврдејќи дека членството во НАТО нема да ја обезбеди безбедноста на земјите, Захарова рече: „Нормално, изборот им припаѓа на шведската и финската влада, но тие, исто така, треба да разберат дека таквиот чекор ќе има последици за нашите билатерални односи и европската безбедносна архитектура која моментално е во криза.“
- Изјава од Финска и Шведска за членство во НАТО -
Финската премиерка Сана Марин и шведската премиерка Магдалена Андерсон се состанаа во главниот град Стокхолм на 13 април.
Марин истакна дека одлуката на нејзината земја да аплицира за членство во НАТО ќе биде утврдена во рок од неколку недели.
Од друга страна, Андерсон, наведувајќи дека има нова безбедносна ситуација во Европа, рече дека наскоро ќе ја оценат оваа ситуација и ќе донесат одлука за членството во НАТО.