Elena Teslova
16 Март 2021•Ажурирај: 16 Март 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, вчера се состана со Мохамад Раад, шефот на блокот Хезболах во либанскиот Парламент, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Лавров и Раад дискутираа за ситуацијата во Либан и на Блискиот Исток“, се соопштува од руското Министерство за надворешни работи.
„Лавров ја потврди постојаната поддршка на Русија за суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на Либан. Тој ја истакна потребата да се решат итните прашања од националната агенда преку широк дијалог со вклучување претставници на сите водечки верски групи во либанското општество исклучиво во правно поле и без странско мешање“, соопшти Министерството.
Министерот, исто така, ја истакна итната потреба за формирање нова влада предводена од Саад Харири, што ќе биде способна да обезбеди излез на Либан од сегашната криза.
Говорејќи за Сирија, Лавров ја истакна важноста од враќањето на сириските бегалци, вклучително и оние од Либан, „во интерес на сигурната стабилизација во регионот“.
„Лавров ја истакна непоколебливата посветеност на Русија за постигнување сеопфатен мир на Блискиот Исток во согласност со постојната меѓународна правна рамка“, соопшти Министерството.
Лавров и Раад разговарале и за руско-либанската билатерална соработка, вклучително и во борбата против пандемијата на коронавирусот.
Освен со Лавров, Раад се сретна и со неговиот заменик одговорен за Блискиот Исток и Северна Африка, Михаил Богданов.
Посетата на Раад се случи неколку дена по враќањето на Лавров од турнејата во арапските земји, на која тој се состана со поранешниот либански премиер Саад Харири.
Либан се наоѓа во политичка криза по масовната експлозија што го потресе пристаништето „Бејрут“ минатата година. По инцидентот, Владата поднесе оставка, а оттогаш земјата не е во можност да формира нова влада.