Serdar Dincel
08 Декември 2024•Ажурирај: 09 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Руското Министерство за надворешни работи денес соопшти дека Башар ал Асад, соборениот лидер на режимот на партијата Баас во Сирија, одлучи да поднесе оставка и да ја напушти Сирија, пренесува Анадолу.
Изразувајќи загриженост за ситуацијата во Сирија, Министерството истакна дека заминувањето на Асад се случило како резултат на преговорите што се воделе меѓу неговиот режим и силите кои учествуваат во вооружениот конфликт, тврдејќи и дека Асад дал инструкции за мирен трансфер на власта.
Исто така, ги повикал сите релевантни страни да се откажат од насилство и наместо тоа да ги решат сите прашања преку политички средства.
Министерството додаде дека Русија е во контакт со сите опозициски сили во Сирија, повикувајќи на почитување на ставовите на сите етнички и верски сили во Сирија и ги поддржува напорите за воспоставување инклузивен политички процес според резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Руските воени бази во Сирија се „во состојба на готовност“, се наведува во соопштението на руското МНР, додавајќи дека нема сериозни закани за нивната безбедност.
Се нагласува дека се преземаат сите неопходни мерки за осигурување на безбедноста на руските граѓани во Сирија.
- Патот до колапсот на режимот на Асад -
На 27 ноември избувнаа судири меѓу силите на режимот на Асад и антирежимските вооружени групи во руралните области западно од Алепо, еден од најголемите градови во северна Сирија.
На 30 ноември, антирежимските групи ја презедоа контролата врз поголемиот дел од центарот на Алепо од режимските сили, а истиот ден ја презедоа контролата врз целата покраина Идлиб. Минатиот четврток, по жестоки судири, групите го презедоа центарот на градот Хама од режимските сили.
Антирежимските групи зазедоа одредени населени места во стратешки важната покраина Хомс, порта кон главниот град Дамаск, и почнаа да напредуваат таму.
Во петокот, вооружените опозициски групи започнаа операција во покраината Дера на сириската граница со Јордан и го зазедоа центарот на градот од режимските сили по судирите.
Вчера под контрола на опозициските групи падна и целата покраина Сувејда во јужна Сирија. Истиот ден, локалните опозициски групи во Кунеитра, исто така, ја презедоа контролата врз покраинскиот центар.
Во покраината Хомс, која води до главниот град, вчера антирежимските сили ја презедоа контролата врз центарот на покраината.
Групите кои напредуваа против силите на режимот на Асад влегоа во јужните предградија на Дамаск доцна синоќа. Режимските сили се повлекоа и од министерствата за одбрана и внатрешни работи и од Меѓународниот аеродром во Дамаск.
Откако антирежимските вооружени групи почнаа да го зголемуваат своето напредување во главниот град, режимот на Асад утрово брзо изгуби секаква контрола над Дамаск. По гласините дека побегнал од главниот град, моментално не се знае каде се наоѓа соборениот Башар ал-Асад.
Исто така, во операцијата „Зора на слободата“ што ја започна опозициската Сириска национална армија против терористичката организација ПКК/ЈПГ во руралните делови на Алепо на 1 декември, окружниот центар Тел Рифат беше ослободен од тероризмот.