Michael Hernandez
05 Мај 2017•Ажурирај: 06 Мај 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес беше изгласан Законот за здравство, кој го предложија републиканците, јавува Anadolu Agency (AA).
За Законот за здравство гласаа 217 членови на Претставничкиот дом, а 213 гласаа против.
Овој закон, кој го поддржаа републиканците, би требало да го замени досегашниот „Обама кеар“ (Obamacare), познат како акт на Обама за здравствената заштита.
Одредени американски медиуми го сметаат донесувањето на овој закон за најголема законодавна победа на претседателот Доналд Трамп за време на досегашниот мандат.
Републиканците седум години се залагаа за поништување и измена на досегашниот акт на Обама за здравствената заштита.
Демократите силно ја поддржуваат „Обама кеар“, тврдејќи дека овој закон помогнал 20 милиони Американци да добијат здравствена заштита.
Претходната верзија на републиканскиот план за поништување на „Обама кеар“ пропадна во март, поради недостиг на поддршка од конзервативните членови на Републиканската партија.
Претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, републиканецот Пол Рајан, изјави дека изгласаниот закон значи исполнување на ветувањата дадени на американските граѓани.
„Многумина од нас чекаа седум години за да гласаат во врска со ова прашање, за да го укинат и да го заменат 'Обама кеар', и да ги спасат луѓето од тој лош закон“, изјави Рајан.
Законот сега оди на гласање во Сенатот, каде што исто така постојат сериозни идеолошки поделби меѓу конзервативните и умерените републиканци.
Трамп изјави оти е сигурен дека законот ќе биде усвоен и во Сенатот, додавајќи: „Обама кеар во суштина е мртов“.