Mücahit Oktay
02 Декември 2024•Ажурирај: 03 Декември 2024
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан изјави дека напредувањето на сириската опозиција во и околу Алепо е поврзано со нова ситуација „во која главните сојузници на сириската Влада, Иран, Русија и Хезболах, се 'ослабени' од конфликтите и настаните на другите места“, пренесува Анадолу.
Во интервју за „Си-ен-ен“, Саливан рече дека опозицијата ја оценува состојбата на „трите актери кои со години ги напаѓаат - Иран, Русија и Хезболах“.
„Тие видоа дека овие актери се послаби и поранливи од порано и се обидоа да го искористат тоа“, додаде тој.
„Но, фактот што ги гледаме овие случувања во Сирија произлегува од сите други работи што ги видовме на Блискиот Исток и Украина и на други места, тоа е нешто што е природен резултат на тоа што нивните противници се најдоа во послаба стратешка позиција“, рече Саливан.
Коментирајќи го влијанието на настаните во сириските градови Алепо и Идлиб врз американските сили во регионот, тој изрази уверување дека американските сили распоредени во Сирија во борбата против терористичката организација ДЕАШ „не се во непосредна опасност затоа што се во друг дел од државата“.
Саливан, сепак, додаде дека американските сили сè уште се под „закана од Иран и милициските групи во Ирак поддржани од шиитите“.
Признавајќи дека САД ја означиле групата Хајат Тахрир ел Шам (ХТС) како терористичка организација и изразиле загриженост за целите на групата, тој истакна дека Вашингтон не жали за зголемениот притисок врз Владата на Асад.
Нарекувајќи ја ситуацијата „комплицирана“, Саливан рече дека САД „будно ги следат“ случувањата на теренот.
Судирите меѓу режимот на Асад и антирежимската вооружена опозициска група Хајат Тахрир ел Шам траат речиси една недела во подрачјата на сириски Алепо и Идлиб.