Seda Sevencan
17 Јануари 2025•Ажурирај: 20 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Пожар избувна вчера во електрана во Мос Лендинг покрај централниот брег на Калифорнија, САД. кој ескалираше во текот на ноќта и предизвика евакуација, затворање на патишта и здравствени предупредувања, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Според ТВ-каналот КИОН, јавното здравство на Округот Санта Круз ги повика жителите да останат во затворени простории, да ги затворат прозорците и да ги исклучат системите за вентилација на воздухот поради пожарот, кој избувна на околу 530 километри северозападно од Лос Анџелес, на чие подрачје повеќе од една недела беснеат масовни шумски пожари.
Канцеларијата на шерифот на Округот Монтереј издаде наредби за евакуација на неколку области околу Мос Лендинг.
Покрај напорите за евакуација, Дистриктот 5 на КалТранс го затвори Автопатот 1 без да наведе време за повторно отворање.
Училишниот дистрикт на Округот Норт Монтереј објави дека денес ќе бидат затворени сите училишта во областа поради загриженоста за здравјето и безбедноста на учениците.
Пожарот го зафати делот на централата „Вистра енерџи“, кој целосно е евакуиран.
Пожарникарите и екипите за итни случаи се на местото на пожарот.
Овој инцидент е втор пожар во електраната Мос Лендинг во последниве години. Во 2022 година имаше пожар во објектот за складирање електрична енергија.