Firdevs Bulut Kartal
10 Мај 2023•Ажурирај: 11 Мај 2023
ТОРОНТО (АА) - Украинската војска собори руска хиперсонична ракета „Кинжал“ со помош на системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ од американско производство, потврди портпаролот на Пентагон, генерал Патрик Рајдер, јавува Анадолу.
„Можам да потврдам дека тие уништија руска ракета со системот за противракетна одбрана „Патриот“. Како што знаете, тој систем е дел од поширокиот дијапазон на противвоздушни одбранбени способности кои меѓународната заедница ѝ ги обезбеди на Украина“, истакна Рајдер на брифингот за медиумите.
Сепак, Рајдер одби да каже која земја ја испорачала ракетната батерија што ја соборила хиперсоничната ракета.
Системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ беа користени од Соединетите Американски Држави (САД) против иранските балистички ракети во Ирак и Саудиска Арабија, но ова е првпат системот да собори хиперсонична ракета.
„САД, нашите сојузници, нашите партнери - ќе продолжиме да брзаме да ѝ помогнеме на Украина со копнените капацитети за воздушна одбрана и муниција да го контролира своето суверено небо, и да ѝ помогнеме да ги одбрани своите граѓани од руските крстосувачки ракети и иранските дронови“, додаде Рајдер.
Администрацијата на Бајден вчера вети 1,2 милијарди долари долгорочна воена помош за Украина, вклучувајќи системи за противвоздушна одбрана и муниција.