Esra Kaymak
10 Февруари 2016•Ажурирај: 10 Февруари 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Џон Кирби, портпаролот на американскиот Стејт Департмент, изјави дека ситуацијата во Сирија би се подобрила доколку Русија престане со бомбардирањата на опозициските групи, цивилите и цивилната инфраструктура, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Тоа би значело помош во обидот за ублажување на проблемот (на турско-сириската граница). Прекинот на огнот би направил чуда”, рече Кирби
Според него, „Русија продолжува да се однесува како да верува дека постои воено решение за конфликтот”, додека Соединетите Американски Држави (САД), рече, веруваат во политичко решение за Сирија.
Кирби тврди дека „долготрајната интервенција во Сирија може да претставува проблем за Москва, во самата земја, но и во странство”.
„Тие се вовлечени во конфликт кој нема да заврши, мислам дека тоа не е добро ниту за рускиот народ ниту за таа земја. Тие може да инспирираат нови странски борци и џихадисти, не само во Сирија, туку и во нивната земја. Мислам дека тоа не е во интерес на рускиот народ ниту на руската влада”, рече Кирби.
Инаку, САД и членовите на Меѓународната група за поддршка на Сирија работат на пронаоѓање дипломатско решение на кризата во Сирија. Покрај разгледувањето на што поскориот прекин на огнот во таа земја, едно од најголемите прашања е хуманитарната помош која им е неопходна на Сиријците.