Bilgin S. Şaşmaz
29 Јуни 2017•Ажурирај: 30 Јуни 2017
ЧИКАГО (АА) - БИЛГИН ШАШМАЗ - Во Соединетите Американски Држави (САД) секој ден се зголемува интересот за т.н. „базени без гравитација“, кои претставуваат модерен метод за терапија против стрес, замор и болки, пишува Anadolu Agency (AA).
Американците, особено спортистите, актерите и бизнисмените, покажуваат голем интерес за Центарот за медитација „Float Sixty“ (Флоут сиксти), основан од страна на американската претприемачка Глорија Ирвин, инспирирана од Мртвото Море.
Оваа терапија е многу добра за болките во зглобовите, стресот како и против замор, а се изведува во базени без гравитација, во коишто се измешани околу 750 литри вода со 450 килограми магнезиум сулфат.
Клиентите поминуваат од 60 до 90 минути во овие базени кои се наоѓаат во специјални кабини изолирани од шум.
По оваа терапија, клиентите можат да се одмараат во медитациски соби.
Овој центар се подготвува за активирање на услугата медитација со виртуелна реалност.
Сопственичката на центарот, Глорија Ирвин, во изјава за АА пренесе дека терапијата што се изведува во овие базени, каде што има голема количина магнезиум сулфат, има повеќе ефекти врз човечкото тело, особено на нервниот систем.
Ирвин истакнува дека оваа терапија го регулира времетраењето и квалитетот на сонот, има смирувачки ефект, добра е за болките во зглобовите и мускулите. Таа соопшти дека се подготвува да отвори уште два нови центра за да ја задоволи големата побарувачка.
Од друга страна, Џенифер Меккорд, клиент на овој центар, вели дека за првпат ја пробува оваа терапија. „Се чувствувам посмирена отколку што очекував. Ова е нешто што долго време ми требаше. Им препорачувам на сите“, вели Меккорд.
Инаку, Мртвото Море е познато како најсоленото море во светот, со концентрација на солта која се движи меѓу 28 и 33 проценти и поради тоа луѓето и предметите лебдат на површината од водата. Се вели дека солта во Мртвото Море ја прави кожата мазна, полезна е за обновување на клетките, како и за топење на масното ткиво.
Се вели дека во Мртвото Море има 29 вида на минерали, како што се магнезиум, натриум, калиум, бромид, јод, селен, сулфур и манган, и затоа е корисно за здравјето на телото. Мртвото Море секоја година е посетено од страна на голем број локални и странски туристи.