Zehra Ulucak
29 Јуни 2017•Ажурирај: 29 Јуни 2017
ЊУЈОРК (АА) - Властите на Северна Кореја им порачаа на САД и на остатокот од меѓународната заедница дека ќе го продолжат својот план за развој на нуклеарното оружје, без оглед на изолацијата и санкциите што им се наметнуваат, јавува Anadolu Agency (AA).
Постојаниот пратеник на Северна Кореја во ОН, Ким ин-Рионг, имаше обраќање пред учесниците на последното заседание на Советот на ОН и порача дека официјален Пјонгјанг ќе продолжи со јакнењето на нуклеарниот фронт не осврнувајќи се на притисоците, санкциите, ниту на евентуалните воени напади на другите земји.
„САД се обидуваат со притисоци да ја стават под контрола Северна Кореја. Нам не ни е важно што велат другите, какви санкции и притисоци воведуваат, ниту какви воени напади подготвуваат. Ние нема да се откажеме од патот на развој на нуклеарниот арсенал, којшто е наш избран план за одбрана на суверенитетот на нашата татковина“, порача амбасадорот Ким.
Тој потсети дека непријателството меѓу САД и Северна Кореја трае веќе пет децении, и оти САД и Јужна Кореја со „агресорските воени маневри“ во април и во мај повеќе од кога било го приближија светот кон нуклеарна војна.
Ким исто така го обвини и американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација дека кон Северна Кореја водат политика на невидено непријателство.
„САД постојано го модернизираат своето нуклеарно оружје, а им забрануваат на другите да развиваат и да тестираат балистички проектили или нуклеарки. Тоа е навистина безобразна горделивост, сметање на себеси над другите и дволичност“, порача амбасадорот на Северна Кореја во ОН, Ким.