Sena Güler
13 Март 2019•Ажурирај: 14 Март 2019
КАРАКАС (АА) - Лидерот на опозицијата и самопрогласениот привремен претседател на Венецуела, Хуан Гваидо, изјави дека за отворањето на кабинетот во Претседателската палата му треба уште поддршката од венецуелската Војска, јавува Anadolu Agency (AA).
„Наскоро ќе ни треба канцеларија за работа. Кога ќе ја добијам поддршката од Војската, ќе отидам во палатата „Мирафлорес“ и ќе седнам во својот кабинет“, изјави Гваидо за поддржувачите во Санта Моника.
Синоќа во Каракас и другите градови на Венецуела се одржани нови протести на опозицијата, кои Гваидо ги организираше поради проблемите во напојувањето со електрична енергија низ таа јужноамериканска земја.
На протестите овој пат се собраа значително помал број демонстранти, а организаторите тврдат дека до тоа дошло поради проблемите во комуникацијата, која е исто така последица на прекинот на напојување со струја.
Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за својот втор мандат, по изборите кои опозицијата ги бојкотираше.
Тензиите дополнително се зголемија кога опозицискиот лидер Хуан Гваидо на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател, и беше поддржан од страна на САД и многу европски и латиноамерикански земји. Русија, Турција, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржуваат Мадуро.