Mahmoud Barakat
10 Април 2018•Ажурирај: 11 Април 2018
РИЈАД (АА) - Властите на Саудиска Арабија планираат да ископаат поморски канал по должината на целата копнена граница со Катар, со што Катар би станал остров во Персискиот Залив, јавува Anadolu Agency (AA).
Советникот на саудискиот Кралски суд, Сауд ал-Кахтани, беше првиот саудиски претставник кој ја потврди намерата за изолација на Катар со поморски канал.
Ал-Кахтани на социјалната мрежа Фејсбук објави дека целта на проектот е казнување на Катар за погрешната политика.
Минатата недела, локалните медиуми објавија дека официјален Ријад планира да ископа канал долж 60-километарската саудиско-катарска граница. Наводно, проектот ќе биде завршен во рок од 12 месеци.
Истите извори велат дека каналот треба да се ископа еден километар на саудиска територија. На бреговите на каналот може да се изгради и воена база и депонија за нуклеарен отпад.
Ал-Кахтани, исто така, рече дека Саудиска Арабија има право за реализација на еден ваков проект и изградба на потребните инфраструктурни објекти како што се воени бази и нуклеарен отпад.
Саудискиот весник „Сабк“ пишува дека станува збор за проект во вредност од 2,8 милијарди ријали (околу 750 милиони долари), а дека ќе биде реализиран од конзорциум составен од девет саудиски инвеститори.