Gülşen Topçu
06 Ноември 2017•Ажурирај: 06 Ноември 2017
САНА (АА) - Саудиските власти нудат парични награди меѓу пет и 30 милиони американски долари за информации за локацијата на 40 милитанти од редовите на јеменското бунтовничко движење на Хусите, јавува Anadolu Agency (AA).
Се работи за листа на имиња на 40 јеменски бунтовници, кои официјален Ријад ги товари за планирање и спроведување терористички напади во соседен Јемен.
Рекордната парична награда од 30 милиони долари се нуди за информација за локацијата на којашто се наоѓа или за информација што би водела до апсење на водачот на бунтовничкото движење, Абдулмалик Ал Хуси.
На листата објавена од страна на Саудиската новинска агенција (СПА) се наоѓаат имињата на челниците на бунтовничката влада, која во окупираните делови на Јемен ја составија бунтовниците од движењето на Хусите и приврзаниците на соборениот претседател на Јемен, Али Абдула Салех.
Јемен е место на длабока политичка и безбедносна криза, која кон крајот на 2014 ескалираше во граѓанска војна, кога бунтовниците предводени од шиитското движење на Хусите и од Конгресот, воден од страна на соборениот претседател Али Абдула Салех, го зазедоа главниот град Сана, а потоа и други региони. Претседателот на Јемен, Абд Рабо Мансур ел Хади, и неговата влада избегаа во Саудиска Арабија. Јужниот град Аден во моментов е административен центар на меѓународно признатата јеменска Влада.
Судирите во Јемен дополнително ескалираа во март минатата година, кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници започнаа со воздушни напади врз бунтовничките позиции.
Двата круга од мировните разговори под покровителство на ОН, не резултираа со решение за конфликтот во којшто, според извештаите на ОН, загинаа повеќе од 10.000 луѓе.