Aydoğan Kalabalık
06 Март 2018•Ажурирај: 06 Март 2018
КАИРО (АА) - Саудискиот престолонаследник принцот Мухамед бин Салман, за време на официјалната посета на Египет ја посети и Коптската црква во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој се состана со поглаварот на египетската Коптска црква Тавадрос II.
Во соопштението на египетската Коптска црква се наведува дека ова е првпат член на саудиското кралско семејство да ја посети Коптската црква, од 1932 година, од кога е основана Саудиска Арабија. Коптските христијани сочинуваат меѓу 10 и 15 отсто од вкупната египетска популација која вбројува околу 100 милиони жители.
Се додава дека поглаварот Тавадрос II за време на разговорот изјавил дека внимателно ги следи последните случувања во Саудиска Арабија.
Болис Халим, портпаролот на египетската Коптска црква, за АА изјави дека принцот Мухамед го повикал поглаварот на египетската Коптска црква Тавардос II и неговите соработници да ја посетат Саудиска Арабија.
Тој истакна и дека принцот Мухамед упатил сочуство до семејствата на жртвите кои настрадаа при нападите на црквата кои се случија во текот на претходните години. Саудискиот престолонаследник, принцот Мухамед, за време на посетата на Каиро се состана и со шејхот на Ал Азхар, Ахмед ел-Тајиб.
Од друга страна, за време на посетата на принцот Мухамед, меѓу Египет и Саудиска Арабија се потпишани четири одвоени договори кои вклучуваат и формирање на инвестициски фонд во вредност од 16 милијарди долари.
Потсетуваме, саудискиот престолонаследник принцот Мухамед бин Селман во неделата вечер пристигна во тридневна официјална посета на Египет.
Принцот Мухамед во јануари минатата година беше промовиран во прв престолонаследник на Саудиска Арабија, и ова му е првата посета на Каиро во тоа својство.