Mohamad Misto
06 Март 2018•Ажурирај: 06 Март 2018
ИСТОЧНА ГУТА (АА) - Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад користеле хемиско оружје во нападот на бунтовничката енклава на Источна Гута, а најмалку 30 цивили почувствувале последици од нападите, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставниците на локалната цивилна заштита „Бели шлемови“, јавуваат дека силите на Асад ги користеле проектилите со хлор во синоќешниот напад во населбата Хамуриај.
Поголемиот дел од 30 лица кои ги почувствувале последиците од нападот, биле жени и деца. Поблаго труење со хлор претрпеле и двајца членови на „Белите шлемови“.
Силите на Асад, забранетото хемиско оружје во нападот на Источна Гута го користеа и минатата недела, ден откако Советот за безбедност на ОН ја усвои Резолуцијата за воспоставување на едномесечно примирје во Сирија.
За тие напади истрага покрена и Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW).
Силите на режимот на Асад во напад со хемиско оружје во Источна Гута, на 21 август 2013 година убија најмалку 1 400 лица. Со ангажман на Меѓународната заедница, покренат е процес за уништување на залихите на тоа забрането оружје во Сирија, а режимот на Асад ѝ даде гаранција на „OPCW“ дека престанал да го користи тоа оружје, заклучно со 19 август 2014 година.
Заедничката мисија на ОН и „OPCW“, кон крајот на минатата година му предаде извештај на Советот за безбедност на ОН, во кој се наведува дека режимот на Асад не ги пријавил сите складишта со хемиско оружје и дека е одговорен за напад со хемиско оружје, во кој во април минатата година во Хан Шејкун беа убиени најмалку 100 цивили.