Hamdi Yıldız
27 Јули 2021•Ажурирај: 01 Август 2021
РИЈАД (АА) - Само лицата кои се вакцинирани против Ковид-19 ќе можат да извршат мал аџилак умра, во Мека, објавија денес саудиските власти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Заменик-министерот за прашања поврзани со аџилакот, Хишам Саид, во телевизиско обраќање изјави дека пристигнувањето на верниците однадвор заради изведување умра ќе започне од 10 август.
Како дел од мерките на претпазливост, Саид истакна дека верниците кои доаѓаат од странство ќе мора да бидат вакцинирани со една од вакцините одобрени од саудиските власти.
Ова барање претходно беше воведено во текот на месецот Рамазан во април за посета на Големата џамија во светиот град Мека и Џамијата на Пратеникот во Медина.
Саудискиот претставник рече дека дневно, за извршување умра, ќе биде дозволено доаѓање на околу 20.000 луѓе.
Умра или т.н. мал аџилак, може да се прави во текот на целата година, за разлика од аџилакот, кој е еднаш годишно. Извршувањето мал аџилак беше прекинато во март 2020 година поради пандемијата на Ковид-19, а на почетокот на октомври минатата година постепено почна да се враќа со мерки на претпазливост.