Emre Başaran
04 Април 2024•Ажурирај: 05 Април 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Светската централна кујна (WCK) денес повика на независна истрага за убиството на нејзините седум хуманитарни работници од страна на Израел, известува Анадолу.
„Побаравме од владите на Австралија, Канада, Соединетите Американски Држави, Полска и Обединетото Кралство да ни се придружат во барањето независна истрага од трета страна за овие напади, вклучително и дали тие биле извршени намерно или на друг начин го прекршиле меѓународниот закон“, се вели во соопштението на добротворната организација која обезбедува оброци за заедниците во зоните на катастрофа и воени зони.
„Вчера, за да го обезбедиме интегритетот на истрагата, побаравме од израелската Влада веднаш да ги зачува сите документи, комуникации, видео и/или аудиоснимки и сите други материјали потенцијално релевантни за нападите од 1 април.“
Невладината организација ја опиша израелската акција во понеделникот како „воен напад кој вклучува повеќекратни напади и имаше како цел три возила на СЦК“.
„Сите три возила превезуваа цивили; тие беа означени како возила на СЦК; и нивните движења беа целосно во согласност со израелските власти, кои беа свесни за нивната маршрута, рутата и хуманитарната мисија“, се вели во соопштението.
Непрофитната организација со седиште во САД соопшти дека независната истрага е „единствениот начин да се утврди вистината за тоа што се случило, да се обезбеди транспарентност и одговорност за одговорните, што би спречило идни напади врз работниците од хуманитарната помош“.
Работниците кои загинаа во израелскиот напад беа државјани на Австралија, Полска, Велика Британија и Палестина, како и американско-канадски двоен државјанин.
Според СЦК, и покрај координирањето на движењата со израелската Армија, нејзиниот конвој бил погоден додека излегувал од складиште во градот Деир ал-Балах во јужниот дел на Газа, каде што тимот истоварил повеќе од 100 тони хуманитарна прехранбена помош донесена во Газа.
Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој Тел Авив вели дека се убиени речиси 1.200 Израелци, но според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ), со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Оттогаш се убиени најмалку 32.975 Палестинци, а 75.577 се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни средства за опстанок.