Ahmet Furkan Mercan
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
ТОКИО (АА) - Северна Кореја вчера извршила тестирање на балистичка ракета со долг дострел од типот Хвасонг-12, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Севернокорејската централна новинска агенција (KCNA) соопшти дека проектилот е тестиран вчераутро.
Според веста, тестирана е балистичка ракета со долг дострел од типот Хвасонг-12.
Се истакнува дека тестирањето е спроведено кон водите на Јапонското Море и дека земена е предвид безбедноста на соседните земји.
„Родонг Синмун“, националниот весник близок до владејачката Работничка партија, објави фотографии од тестирањето на проектилот.
Нема информации за тоа дали севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун го следел тестирањето.
Според јапонското Министерство за одбрана, ракетите Хвасонг-12 со дострел од 5.000 километри можат да достигнат до сите делови на Јапонија и до американскиот остров Гуам во западниот Пацифик.
- Седум пати во 30 дена -
Јужна Кореја соопшти дека ракетата поминала 800 километри за 30 минути во правец на Јапонското Море на надморска височина од 2.000 километри и дека Пјонгјанг тестирал ракета со најдолг дострел по 2017 година.
Со последното тестирање, Северна Кореја во јануари извршила вкупно 7 ракетни тестирања.
- Реакции -
Началникот на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја потврди дека ракетите се лансирани од севернокорејскиот регион Јаганг во правец на Јапонското Море во 07:52 часот по локално време.
Индопацифичките сили на САД (INDOPACOM), осудувајќи ја Северна Кореја поради тестирањата повикаа да се избегнуваат дестабилизирачки активности.
„Иако сметаме дека овој случај не претставува директна закана за американскиот персонал, регионот и неговите сојузници, ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата“, се вели во соопштението на Индопацифичките сили на САД.
Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин, во говорот во Советот за национална безбедност што го свика, рече дека тие ги осудуваат тестирањата што ги загрозуваат мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров.