Islam Uddin
06 Април 2023•Ажурирај: 06 Април 2023
АНКАРА (АА) - Министерот за одбрана на Јужна Кореја, Ли Џонг-суп, тврди дека Северна Кореја веќе ги завршила подготовките и може да изврши нуклеарно тестирање во кое било време, пренесува Анадолу.
Во обраќањето пред Комитетот за одбрана на Националното собрание, Ли истакна дека Сеул работи на зајакнување на мерките за одвраќање на нуклеарните и ракетните закани на Пјонгјанг.
„Северна Кореја веќе ги заврши подготовките за седмиот нуклеарен тест и способна е да изврши нуклеарно тестирање во кое било време“, рече Ли.
Ли, исто така, ги информираше пратениците за опасноста од севернокорејската тактичка нуклеарна боева глава Хвасан-31 и подводниот дрон за нуклеарен напад.
Минатиот месец Северна Кореја објави дека нејзината војска тестирала ново подводно нуклеарно оружје способно да предизвика радиоактивно цунами од големи размери, истакнувајќи дека дронот може да се управува од кој било брег или пристаниште.
Ли пред пратениците изјави дека Јужна Кореја, заедно со Соединетите Американски Држави (САД), ќе ѝ возвратат на Северна Кореја во случај на нуклеарно тестирање, но не ја појасни стратегијата на Владата во случај на заеднички одговор.
Тој додаде дека јужнокорејската војска го надгледува полигонот за нуклеарно тестирање во Северна Кореја, Пунгје-ри.
Исто така, потврди дека трилатералните разговори помеѓу високите претставници на одбраната на Јужна Кореја, САД и Јапонија ќе се одржат подоцна овој месец.
На состанокот се очекува да се разговара за мерките за спротивставување на нуклеарните и ракетните закани.