Betül Yürük
05 Јануари 2017•Ажурирај: 05 Јануари 2017
ЊУЈОРК (АА) – Заменик координаторот за хуманитарна помош во Сирија при ОН, Сажад Малик изјави дека по прекинот на огнот, Сиријците почнаа да се враќаат во Алепо, иако градот е разрушен во голема мера, јавува Anadolu Agency (AA).
Малик се вклучи на прес-конференцијата преку телеконференциска врска од Алепо, при што изјави: „Досега 2.200 сиријски семејства се вратија во источен Алепо“.
Тој истакна дека градот е во голема мера разрушен и оти повторната изградба ќе трае долго. „Времето е многу студено, а луѓето се враќаат во домовите, кои се без врати и прозорци“, рече тој.
Малик нагласи дека по примирјето, односно по прекинот на огнот, децата со позитивна енергија и надеж почнале да излегуваат на улиците за да си играат. Тој вели дека треба да се даде шанса за мир, за Сиријците повторно да не ја изгубат надежта, бидејќи претходно многупати се имаат разочарано.
Тој изјави дека пред војната во Алепо живееле 4 милиони жители, а пак сега се претпоставува дека има 1,5 милиони, од кои 400 илјади се од внатрешноста на државата и биле принудени да бегаат.
Малик на крајот додаде дека УНИЦЕФ започна со обезбедување психолошки услуги за децата во Алепо, кои веќе 5 години се лишени од образование.