Amir Latif Arain
07 Април 2025•Ажурирај: 08 Април 2025
АНКАРА (АА) – Речиси четири петтини од граѓаните на Јужна Кореја ја прифаќаат смената на поранешниот претседател Јун Сук Јол, поради неговата краткотрајна одлука за воведување воена состојба во декември, јави денес новинската агенција „Јонхап“ од Сеул, повикувајќи се на резултатите од новата анкета, јавува Анадолу.
Истражувањето е спроведено од средата до петокот и опфатило 1.516 испитаници на возраст над 18 години. Според резултатите, 76,9 отсто од граѓаните изјавиле дека ја прифаќаат одлуката на Уставниот суд да го потврди импичментот на Јун.
Околу 17,4 отсто се изјасниле дека се против одлуката, додека 15 отсто се неопределени.
Јавната перцепција варирала пред и по донесувањето на судската одлука.
Така, околу 80 отсто од испитаниците во средата и четвртокот рекле дека ќе ја прифатат одлуката, додека тој процент паднал на 71,2 отсто во петокот.
Речиси 60 отсто од анкетираните граѓани изјавиле дека сакаат кандидат од опозицискиот блок да победи на следните претседателски избори, додека 37 отсто би сакале владејачката Партија на народната моќ повторно да дојде на власт.
Демократската партија, која е во опозиција, води со 44,8 отсто поддршка, додека владејачката Партија на народната моќ има поддршка од 35,7 отсто.
Следните претседателски избори во Јужна Кореја се очекува да се одржат на 3 јуни.