Elvir Hociç
28 Август 2018•Ажурирај: 29 Август 2018
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Берлин го прими хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и ја изрази поддршката за Хрватска на патот за влез во Шенген зоната, јавува Anadolu Agency (AA).
По билатералната средба, Меркел на заедничката прес-конференција истакна дека двете земји работат на подготовка на акционен план за зајакнување на политичките, економските и културните односи помеѓу Германија и Хрватска.
„Се движиме во добар правец и Германија многу позитивно гледа на желбата на Хрватска за влез во Шенгенскиот простор“, рече Меркел.

Хрватскиот премиер Пленковиќ најави дека шефовите на дипломатиите на двете земји ќе потпишат акционен план за јакење на билатералата во наредните неколку месеци.
„Сакаме да ги искористиме добрите односи меѓу нашите земји со цел да им дадеме нова димензија на политички, економски и културен план“, рече Пленковиќ.
Тој нагласи дека Хрватска е внимателна кога станува збор за можни промени на границите на Балканот бидејќи тоа може да се одрази на односите во регионот.