Ekip
16 Мај 2022•Ажурирај: 17 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Денес започна состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ поради тензиите околу предлгот за ембарго на нафта како дел од шестиот пакет санкции на Блокот кон Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За жал, целата (Европска) Унија се држи како заложник поради една земја која не може да ни помогне да пронајдеме консензус“, изјави за новинарите на пат кон состанокот Габрелиус Ландсбергис, висок дипломат на Литванија.
Тој се осврна на Унгарија, која е против усвојувањето на новиот пакет санкции.
„Одлуките што Европа ги донесе за време на изминатите два и пол месеци и оние што ние ќе ги направиме денес и во блиска иднина, ќе ја дефинираат Европа во децениите што доаѓаат“, рече Ландсбергис.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ја истакна важноста на разговорите и разбирање на причините на секоја страна, но изрази сомневање дека ситуацијата ќе се развие „бидејќи ставовите се доста силни“.
„Објективна е ситуацијата некои земји членки да се соочуваат со повеќе тешкотии бидејќи се повеќе зависни, без излез на море или немаат можност да ги примат танкерите“, објасни Борел.
Во исто време, тој вети дека ќе направи напори „да се претстави обединет фронт против Русија“.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, не зборуваше со новинарите пред состанокот, но тој претходно објасни дека неговата влада не може да го дозволи огромниот раст на цените на нафтата и да ги сноси трошоците за изградба на нова инфраструктура за замена на руската нафта без финансиска поддршка на ЕУ.
ЕУ досега усвои пет пакети санкции поради војната на Русија со Украина, што започна во февруари. Санкциите вклучуваат индивидуалци, меѓу кои рускиот претседател Владимир Путин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, како и забрани за извоз на луксузни стоки и увоз на јаглен и исклучување на руските и белоруските банки од меѓународниот платен систем СВИФТ.
Европската комисија пред две недели го претстави својот предлог за шестиот пакет. Покрај забраната за увоз на руската нафта, го понуди отстранувањето на Сбербанк од СВИФТ, како и воведување на замрзнување средства и забрани за патување на повеќе поединци, вклучувајќи го и патријархот на Руската православна црква, Кирил.
Во март, извршното тело на ЕУ, исто така ги откри плановите за намалување на увозот на гас на две третини до крајот на оваа година со забрзување на зелената транзиција кон обновливите извори на енергија и обезбедување на снабдување со фосилни горива од нови партнери, вклучувајќи ги САД и Блискиот Исток.