Ahmet Gençtürk, Jeyhun Aliyev
31 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, на средбата на маргините од дводневниот самит на лидерите на Г-20 во Италија се договорија да се формира заеднички механизам за зајакнување и унапредување на билатералните односи, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ердоган и Бајден за време на состанокот зад затворени врати, што траеше повеќе од еден час, многу подолго од првично предвиденото време, разговараа за чекорите што треба да се преземат во согласност со заедничката перспектива за зголемување на обемот на билатерална трговска размена“, се вели во соопштението на Одделот за комуникации при турското Претседателство.
Од страна на лидерите истакната е важноста на НАТО-сојузништвото и стратешкото партнерство, и изразено е задоволство од меѓусебните чекори преземени во однос на климатските промени.
Двајцата лидери разговараа и за политичкиот процес во Сирија, за испораката на хуманитарна помош за Авганистанците, за изборите во Либија, за ситуацијата во Источниот Медитеран и за дипломатските напори во Јужен Кавказ.
Се очекува Ердоган и Бајден да присуствуваат и на самитот на светските лидери во рамките на Конференцијата на Обединетите нации (ОН) за климатски промени, позната како КОП26, што започнува денес во шкотскиот град Глазгов.
Ердоган последен пат се сретна со Бајден во јуни, на самитот на НАТО во Брисел.