Ekip
10 Јануари 2022•Ажурирај: 11 Јануари 2022
БРИСЕЛ
Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека воениот блок има за цел да се договори со Русија за серија преговори бидејќи „не е реално“ да се очекува сите конфликти да се решат одеднаш за време на овонеделните разговори со Москва, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Не е реално да се очекува дека кога ќе ги завршиме состаноците што се сите закажани (за оваа недела), сите проблеми ќе бидат решени“, им рече на новинарите генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, пред клучните дипломатски настани оваа недела меѓу сојузниците на НАТО и Русија.
„Навистина се надевам дека постои вистинска волја од двете страни да се вклучат во процесот што може да спречи нови вооружени конфликти во Европа. Затоа, целиме кон договор за пат напред, процес, серија состаноци“, додаде тој.
Столтенберг зборуваше на заедничката прес-конференција со украинската вицепремиерка за европски и евроатлантски интеграции, Олга Стефанишина, пред вонредниот состанок на Комисијата НАТО - Украина.
Стефанишина ја пофали одлуката на сојузниците за преговори со Украина пред Советот НАТО - Русија во среда, нарекувајќи ја „силна демонстрација“ на принципот „ништо за Украина без Украина“.
„Ќе ја слушнеме загриженоста на Русија, но секој значаен дијалог треба да ја реши и нашата загриженост за дејствијата на Русија, и тоа мора да се одвива во консултација со Украина како што правиме денес“, истакна Столтенберг.
Во понеделник и вторник во Женева треба да се состанат делегациите на САД и Русија предводени од заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман, и рускиот заменик-министер за надворешни работи.
Советот НАТО - Русија ќе се состане во среда, за прв пат откако НАТО ја прекина сета практична соработка со Москва во 2014 година поради воената интервенција на Русија во Украина.
Во четврток Русија ќе разговара со Украина, Германија и Франција како дел од таканаречениот „нормандски формат“ за да обезбеди спроведување на мировните договори од Минск.
Минатата година беше обележана со високи тензии меѓу НАТО и Русија поради наводите за шпионирање и континуираното воено засилување на Русија во и околу Украина.
Русија минатиот месец им предаде два нацрт-договори за европските безбедносни гаранции на САД и НАТО.