Ömer Tuğrul Çam
26 Јануари 2022•Ажурирај: 27 Јануари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека оваа недела по писмен пат ќе одговори на понудата што Русија ја испрати минатиот месец во врска со договорот со НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи за телевизијата „Си-ен-ен“ (CNN), Столтенберг рече дека по пораките од Кремљ, неделава ќе испратат писмен одговор од НАТО.
„Во моментов ги финализираме нашите предлози, пишаниот текст. Ќе им го испратиме оваа недела. Тоа ќе го правиме паралелно со САД, бидејќи и САД добија понуда пред неколку недели. Исто така, и ние добивме сличен нацрт. Во основа, ќе кажеме дека сме подготвени да седнеме и да разговараме“, порача Столтенберг.
„НАТО е подготвено да разговара за контрола на вооружувањето, разоружувањето, транспарентноста на воените активности, механизмот за намалување на ризикот и други прашања поврзани со европската безбедност“, наведе првиот човек на Алијансата.
„Подготвени сме да ја сослушаме загриженоста на Русија“, рече Столтенберг, истакнувајќи дека „сè уште постои дипломатски пат“ за решавање на украинско-руската криза.
Столтенберг нагласи дека Русија за тоа треба да ги деескалира тензиите и со добра намера да биде подготвена на средба со НАТО.
„НАТО нема да распореди борбени единици во Украина. Но, мора да се погрижиме да бидеме подготвени и да нема несогласувања околу нашата посветеност на одбраната на сите сојузници, особено на истокот на Алијансата“, рече Столтенберг.
Русија претходно изнесе низа предлози во кои ја негира намерата за агресија врз Украина и побара безбедносни гаранции од Западот, меѓу кои и невлегување на Украина во НАТО и нераспоредување на оружјето на НАТО на украинско тло.